Ламиска (Хеленска) војна против власта на Македонците

На 10/11 јуни, 323 година стара ера Александар Трети Македонски починал во Бабилон најверојатно или од отров или од маларија.

Веднаш по веста за смртта на Александар, хелените не чекале долго да се кренат во отворен вооружен револт против хегемонијата на Македонците, имајќи за главна цел ослободување на Хелада од туѓинската барбарска власт. Предводени од Атина и Аетолската лига, во еклесијата (атинско собрание) било изгласано да се тргне во војна против Македонија.

Хиперид, поранешен Сократов и Платонов ученик, бил најгласниот заговорник за војна со Македонија. Сметал дека смртта на Александар била вистинско време за Атина и хеленските градови држави конечно да се ослободат од хегемонијата на Македонците. На повикот за војна против Македонците, Хиперид нашол и политичка поддршка кај Демостен, а воена кај Лиостен кој бил назначен за главен командант на хеленските сили.

Во истиот период во Атина бил заробен и Харпал еден од главните благајници на Александар, притоа му биле одземени 5000 таланти, богатство со кое се финансирала војната против Македонија.

По декларацијата на Атина за започнување на „ослободителна војна“, атинските пратеници почнале да апелираат по хеленските градови да се приклучат во борба против Македонија со цел враќање на позициите кои ги имале хеленските градови држави пред битката кај Херонеја 338 год. стара ера. На овие повици првично се приклучиле Аргос, Елис, Месонија, Фокис, Левкас, Епедидаур.

Diodorus Sicilus “LIBRARY OF HISTORY” Book XVIII (chaps. 8‑9)

Во првите неколку месеци од хеленското востание, Хелените забележале победи во Бојотија и на Термопилите со што воспоставиле контрола на движењето во и надвор од Пелопонез и Атика. Есента 323 година стара ера сосем неочекувано на страната на хелените им се приклучила и Тесалија која претходно важела за традиционален сојузник на Филип и Александар.

Антипатар главниот командант на македонските сили во Европа бил приморан да бара и чека засилување од Азија. Се засолнил во градот Ламија кој покрај другото имал и стратешко значење за Македонија. Присуството на значаен контигент на македонската војска во Тесалија го спречило напредувањето на хелените према Македонија и спојувањето со антимакедонските сили кај останатите соседи на Македонија, што би било фатално за земјата.

Лиостен охрабрен од раните успеси против Македонците почнал да го опсадува и градот Ламија со цел да го зароби и Антипатар.

Diodorus Sicilus “LIBRARY OF HISTORY” Book XVIII (chaps. 9‑12)

Македонската војска во Ламија не била пасивна, туку воспоставила активна одбрана и одвреме на време превземала акции против хеленската војска која го опколувала градот. Во една од тие акции загинал и хеленскиот војсководец Лиостен, а на негово место бил назначен атинскиот генерал Антифил кој ја добил титулата „Генерал на Хелените“. На погребот на Лиостен, Хиперид одржал посмртен говор во кој говори дека тој не се сомневал во победата против омразените Македонци за кој Лиостен го дал својот живот.

Hypereides „The Funeral Oration“ Col. V—VII.
Diodorus Sicilus “LIBRARY OF HISTORY” Book XVIII (chaps. 13)

Свесни за мобилноста на малата македонска флота, хеленската флота била распоредена кај Дарданелите за да го спречи преминувањето на македонската армија од Мала Азија во Европа и на крајбрежјето на Атика, обезбедувајќи притоа широк простор околу Атина. Во меѓувреме Антипатар во очекување на засилување успешно ги одбивал нападите и одбивал да се предаде.

Македонскиот генерал Леонат кој имал стабилна состојба во хелеспонска Фригија, преминал со војската во Европа и по пополнувањето на силите со луѓе од Македонија, тргнал со повеќе од 20.000 пешаци и 1.500 коњаници за Тесалија.

Хеленските сили околу Ламија броеле 22.000 пешадија и 3.500 коњаници, од кои 2.000 припаѓала на тесалиската. Иако помалубројна, македонската коњица се спротивставила на тесалиската и овозможила на силите на Антипатар успешно преку ридест терен да се извлечат од Ламија. Во коњичкиот напад загинал Леонат, но неговата војска се споила со војската на Антипатар и заедно успешно се повлекле во Македонија.

Diodorus Sicilus “LIBRARY OF HISTORY” Book XVIII (chaps. 14-15)

По враќањето во Македонија, македонските сили се консолидираат и се подготвуваат дефинитивно да ги уништат силите на Атина и нејзините сојузници. Во припремите значајна улога игра македонската флота која се подготвува да изврши воено-поморска инвазија на источното хеленско крајбрежје.

Хелените биле свесни за подготовките на македонската војска и за присуството на значајни македонски сили во Силиција под водство на Кратер. Меѓутоа, како што Атинската флота не успеа да го спречи преминувањето на Леонат, така таа не успеа подоцна да го спречи ниту преминувањето на Кратер со војската од Мала Азија во Европа.

Македонската флота испратена од Пердика, под раководство на адмирал Клејт  превзема низа успешни напади против атинската флота кај Дарданелите. Во пролета 322 г.п.н.е. адмиралот Клејт ги поразил Грците кај Абид, по што неговата флота се спојува со бродовите на Антипатер. Грците прават очајнички напор да ја уништат македонската флота, но во мај доживуваат фатален пораз кај островот Аморгос.

Diodorus Sicilus “LIBRARY OF HISTORY” Book XVIII (chaps. 15)

Победата на Македонците кај Аморгос, а потоа и врз атинската флота задолжена за одбрана на крајбрежјето околу Атика, значеше крај на грчката морска доминација и на атинската политичка моќ. По двете битки кај Малијатскиот залив во кој учествувале над 400 бродови, македонската флота целосно загосподарила со Егејското и Средоземното Море.

Оваа победа му овозможила на Кратер да ја префрли војската со бродови во Европа. Во почетокот на летото Кратер безбедно ги истоварил своите трупи кај Амфиполис, по што се споил со трупите на Антипатер, кој како македонски регент ја задржува командата. По доѓањето на Кратер, бројната состојба на македонската војска станала речиси двапати поголема од грчките сили кои броеле 25.000 пешаци и 3.500 коњаници.

Македонската војска кон крајот на август 322 г.п.н.е. била построена на брегот на реката Пена, на македонско-тесалската граница. Во редовите на македонската војска која броела 40.000 пешаци, 3.000 Персиски стрелци и повеќе од 5.000 коњаници, се наоѓале и 10.000 ветерани кои се прославиле во текот на азискиот поход. Под раководство на Антипатер и неговиот заменик Кратер, македонската војска на 5 септември 322 г. п.н.е. се судриле со Грците кај Кранон, во централна Тесалија. Македонците успешно наметнале пешадиска битка и го елиминирале учеството на тесалиската коњица. Македонската фаланга им нанела тешки загуби на хеленските хоплити и извојувале уште една импресивна победа, која по значење била еднаква на победата кај Херонеја.

Diodorus Sicilus “LIBRARY OF HISTORY” Book XVIII (chaps. 16-17)

По поразот, хеленската коалиција се обидела да склучи мир со Македонија, но Антипатер одбил да го признае хеленскиот сојуз и демонстрирајќи моќ преговарал со секоја држава поединечно. Тоа ќе доведе до растурање на хеленскиот сојуз.

Кон крајот на септември, македонската војска пристигнала во Атика. Предводниците на антимакедонските сили Демостен и Хиперид избегале од Атина, која се наоѓала  во паника и очај. Атињаните немале друг избор освен безусловно да се предадат. Гледајќи во Атина осведочен непријател на Македонија, Антипатар им наметнал драстични услови, меѓу кои и промена на политичкиот систем. Наместо демократско уредување, Атина добила олигархија на чело со Фокион.

Во преговорите со лидерите на претставниците на Атина, Демад и Фокион, покрај промена на политичкото уредување, Атина прифатила да ги плати сите трошоци и штети предизвикани од војната, да ги испорача лидерите на антимакедонската политика и да прифати присуство на силен македонски гарнизон во утврдувањето Минукија, кое се издигало над Пиреја. Единствено што Демад и Фокион успеале да издејствуваат во преговорите било македонската војска да не влегува во Атина.

Diodorus Sicilus “LIBRARY OF HISTORY” Book XVIII (chaps. 18)

Поставувањето на македонски гарнизон во Пиреја значело и крај на атинската сувереност. Хиперид бил предаден на Антипатaр и погубен, додека Демостен кој се криел на островот Калаврија извршил самоубиство пред да биде уапсен.

Неделник Република, број 139, година IV, петок 1 мај 2015 год. (стр. 32-33);

DSC_0821

Advertisements
This entry was posted in Alexander the Great, Ламиска војна, History, Lamian war, Macedonia. Bookmark the permalink.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s